Деби албум на Пијан славеј: Песна по песна, рунда по рунда
Written by Р.Б. on мај 26, 2022
Пет композиции со вкупно времетраење од 18 минути го сочинуваат новиот албум на Бранислав Николов, фронтменот на групата „Фолтин“. Под неговиот уметнички алијас Пијан славеј, Бранко Фолтин на овој албум во издание на Скопје џез фестивал, презентира „поконкретна музика со поетски сензибилитет на една нова македонска шансона“.
„Потоа, тоа стана импулс за послободна и поширока групна интерпретација, градба и наслојување. Сега, сè повеќе доаѓа до израз развивањето на инструменталното ткиво врз зборовната коскеност. Од нежен ламент до крик – чувството на изолираност и загуба како нов духовен пејзаж, но и потребата од вистинскиот уметнички допир и преживување, се суштинскиот драјв на оваа музичка експресија што постојано се трансформира во потрага по сопствен природен глас“, велат од СЏФ за новото издание.
Текстовите на песните се на Бранислав Николов, а аранжманите и музиката се дело на групата. На албумот гостуваат и Сара Мејс (харфа), Петар Христов (кларинет) и Никола Ристановски (глас).
Песните се снимени, миксани и продуцирани од Ивица Јанкуловски во скопското студио „Алшар“. Дизајнот на обвивката е дело на Александар Поповски. Извршен продуцент на изданието е Оливер Белопета.

Деби-албумот на Пијан Славеј се појавува во пресрет на овогодишниот Оффест, кој ќе трае од 1 до 4 јуни. На минатогодишниот Оффест, Бранко го одржа првиот концерт под алијасот Пијан Славеј, име кое прво стана назив на албум, пред неговиот создавач да си го врати себеси – како уметничко име.
Покрај физичкото компакт-диск издание, Pijan Slavej EP ќе биде достапно и на сите популарни глобални дигитални платформи и стриминг сервиси Bandcamp, Spotify, Deezer, Apple Music, Youtube, Tidal…