Данијела за новата песна: Се баравме долго и конечно се најдовме
Written by Р.Б. on април 27, 2021
Фото: Кармен Облак
„Љубав не одустаје“ е новиот сингл на Данијела Мартиновиќ, хрватската поп-ѕвезда омилена во целиот регион. Промовирана со видео, снимено во пуст и речиси апокалиптичен предел, кој на свој начин ја нагласува поентата на песната, „Љубав не одустаје“ е посветена на основната придвижувачка човекова емоција и универзална сила – љубовта.
-Оваа песна и јас долго се баравме една со друга. Сум отпеала многу песни, но имав возбудување за оваа како да ми е прва. И тоа е одличен знак. Многу живот има во оваа песна и многумина ќе се препознаат во неа – вели Данијела во телефонски разговор за Радио Бубамара.
Песната е работена со нов продукциски тим, а Данијела е коавторка на текстот, што е некакво логично продолжение и на нејзините досегашни две книги со интимни записи, во кои како што вели – се доискажува себеси.
„Љубав не одустаје“ доаѓа речиси една година по појавувањето на нејзиниот 13-ти студиски албум „Неописиво“.
– Времето поинаку се мери. Една година се доживува како голем период, но мислам дека не е така. На секоја песна треба да и се даде простор и една гоидна за мене е идеално време.
Со оваа песна, Данијела најавува и нов материјал, кој полека се подготвува. Но, засега публиката ужива во оваа моќна балада, за која Данијела вели: „Крток момент е љубовта и не смее да се пропушти, но секогаш ќе биде тука – непобедива е“.
„Љубав не одустаје“ слушајте ја на Радио Бубамара како хит на неделата.