Влатко Стефановски за новиот албум: Оваа музика излезе лесно – имала потреба да се случи

Written by on ноември 13, 2020

Со промотивниот сингл „Огледало“, гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски го најави појавувањето на новиот албум „Тафталиџе шафл (Taftalidze Shuffle), снимен за Кроација рекордс.

-Ми се виде многу интересна таа комбинација – Тафталиџе шафл. Ролинг стоунс имаат една песна „Харлем шафл (Harlem Shuffle). Цел живот сум во Тафталиџе. Ако шафл го преведеме како влечкање или мрзеливо шетање, тогаш мојот живот навистина може да се сведе на Тафталиџе шафл. Постојано вртам кругчиња низ ова маало и тоа ми се доволно – вели Влатко.

Ролинг стоунс ја отпеаа Харлем шафл во 1986, а Влатко го најавува „Тафталиџе шафл“ – наскоро.  Неговата музика и неговите текстови вклучуваат и многу интересни забелешки за скопскиот начин на живот и за нашиот менталитет, генерално, што покажува дека неговиот „шафл“ низ маало не е само мрзеливо шеткање.

-Текстовите ги пишував во мај, април, јуни. Има 20-ина верзии од секој текст, се додека не ми текна и не ми протече текстот како што треба работев на секое зборче – вели Влатко.

„Тафталиџе шафл“ е создаван од јануари до октомври годинава. Практично, албумот е пандемиско чедо.

-Немав друг избор, бевме затворени, за среќа имам домашно студио и најкорисно и најлогично ми беше да создавам музика. Чудна година, чудно време, чуден момент на човечката цивилизација. Навистина немав што друго да правам. Наместо да гледам ТВ и да паѓам во депресија, се одлучив да правам музика. И многу сум задоволен од резултатот – зборува Влатко за неговиот креативен процес.

Албумот, вели, настанал прилично лесно.

-Направен е во една „изи“ атмосфера, прилично лесно излезе, не се мачев. Ова беше како од ракав истечено, што зборува дека таа музика имала потреба да излезе и да се случи. Имаме резултат кој е многу интересен – најавува Влатко.

За ваквиот резултат, освен неговата креативна сила, на свој начин придонесуваат и бројните гости на снимањето.

-Се заблагодарувам на сите кои учествуваа во снимањето. Има опасност да заборавам некој клавијатурист зашто најголемиот број гости ми се клавијатуристи, почнувајки од Дамир Имери, Кирил Џајковски, Дики Тавитјан, Тихомир Поп Асановиќ, Матија Дедиќ, Васил Хаџиманов… Вистина, еден букет од феноменални музичари. Адријана Јаневска ги пееше пратечките вокали, драга пријателка, феноменален музичар и пејачка. Никола Ристановски има еден речитатив на песната што се вика „Дијаспора“. Теодосиј Спасов свиреше труба, тој е познат кавалџија ама тука свири труба. Да не ја заборавам новата млада ритам-секција, Иван Кукиќ на бас и Јан Стефановски на тапани, кои направија феноменална работа и создадоа многу зрел звук за годините во кои се. Има интересни гости и интересни енергии на албумот, секој со својата уметност, со својата енергија и својот сензибилитет придонесува ова да звучи онака како што звучи – вели Влатко.

Првиот сингл „Огледало“, со кој се најавува албумот „Тафталиџе шафл“, е своевиден доказ за тој чудесен микс на зрелост, младост и разноличност. Од понеделник, слушајте ја „Огледало“ како хит на неделата на Бубамара радио.


Current track

Title

Artist