Бубамара во противпожарна акција

Written by on април 18, 2022

Проектот за подигнување на свеста за важноста на противпожарната заштита и учеството на младите во неа го иницира омилената манифестација „Златна Бубамара на популарноста“ со цел – граѓаните, заедниците на станари и сите колективни станбени згради да се мобилизираат околу обезбедувањето на основна противпожарна опрема и едукација за нејзина примена – до пристигнувањето на пожарникарите.

Важен дел во оваа едукација посветуваме на средношколците.

Акцијата започнува месецов во средните училишта „Орце Николов“ и „Никола Карев“, а потоа ќе продолжи во сите средни училишта, опфаќајни од почеток ученици од една генерација. Цел е потоа во секое средно училиште да се формира ППЗ-секција, преку која средношколците ќе се подготвуваат во некоја претпоставена ситуација на ненадеен пожар правилно да дејствуваат и да овозможат безбедна евакуација, со што ќе помогнат додека пристигне противпожарната бригада за интервенција.

Секој средношколец ќе направи своја анкета за примарна противпожарна заштита по разговор со родителите, соседите и со претседателот на куќниот совет во зградата во која живее за да осознае како да постапува во случај на пожар. Согледувајки ги состојбите во своето непосредно опкружување, тие во иднина ќе можат како информирани и едуцирани млади луѓе да иницираат средување на ППЗ инсталацијата, хидрантите и информираноста за значењето и потребата од поседување ППЗ апарат во своите домови, во зградата во која живеат и во училиштето во кое учат.

Противпожарната заштита во стамбените згради  е на многу ниско ниво, нема хидранти или ако ги има – хидрантите немаат противпожарни црева, функционалноста на ПП инсталацијата за заштита со години не е проверена,  противпожарните скали за евакуација се преградени или затворени со непотребни предмети на станарите, а станарите не се информирани и едуцирани за последиците од опасноста од нефункционирање на сите овие сегменти од основната противпожарна заштита..

Во изминатите децении се случија многу пожари со тешки последици кои би можеле побрзо да се спречат кога граѓаните би биле информирани и би ја имале основната ПП опрема за постапување во случај на пожар. Акцијата која ја  иницира популарното скопско Радио Бубамара ќе се обиде да ги поттикне и разбуди на ваква акција заедниците на станари, фирмите управители на згради, граѓаните, средношколците, а активно ќе бидат вклучени и градот Скопје, општините и Противпожарната бригада на Скопје,  инспекторатот за домување и оделението за заштита и спасување кон конкретни мерки за евиденција, превенција и функционалност за брзо постапување при почетен пожар и безбедна евакуација, со што на пожарникарите ќе им ја олесни работата и ќе се спаси човечки живот и имот.  Општината Карпош со нејзините служби веќе се вклучија во оваа иницијатива за превентивна противпожарна заштита.


Current track

Title

Artist