„Бела чао“ и ПРОТИВ вирусот и ЗА планетата, зарем не е исто?

Written by on април 2, 2020

 

Протестната песна „Бела чао“, која стана своевидна химна на поддршка во глобалната борба ПРОТИВ коронавирусот има и своја еко-варијанта ПРО планетата. Сè повеќе истражувања потврдуваат дека тоа е практично иста битка и дека појавата на новите непознати вируси се одговор на планетата, која човештвото секојдневно ја загрозува со својот непромислен и неумерен развој и егоцентричен однос.

 

„Треба да се разбудиме, треба да се придвижиме, и тоа треба да го сториме веднаш“. Ова е текстот кој илјадници еко-активисти го испеаја заедно на музиката од италијанската протестна песна „Бела чао“, поттикнати од белгиската иницијатива „Sing For The Climate (Пеј за климата)“.

Оваа еко-варијанта e отпејана во многу варијанти како поддршка за климатскиот активизам. Во 2012, повеќе од 380 илјади луѓе ја отпеаја „Do it now“ во видео, прикажано на многу политички лидери во светот, манифестирајќи ја така основната цел на кампањата за нивно целосно посветување на оваа идеја. Видеото беше прикажано и на Климатскиот самит на ООН во Доха 2012, каде, меѓудругото, повторно е потенцирана неопходноста за редукција на стакленичките гасови.

Видеото деновиве повторно стана актуелно на социјалните мрежи, како уште една глобална порака, испратена до светските лидери, јасно и гласно во моментот на една друга, корона-криза.

А, приказните за двете кризи – со коронавирусот и со климатските промени – всушност се среќаваат во една точка. Мерките за спречување на ширењето на коронавирусот ги прекинаа емисиите на гасови многу побрзо од сите климатски преговори. Дали изолацијата ни открива каков би ни бил животот доколку навистина решиме да се справиме и со климатските промени? Можело, а?

 


[There are no radio stations in the database]