Александар Трајковски: СИНГАПУР, ЈАС И КОРОНАВИРУСОТ

Written by on март 19, 2020

Во Сингапур патував туристички, на гости кај мојот најдобар другар и неговото семејство, со очекување да ја запознаам одблизу источната култура и да го почувствувам секојдневието во една од најсредените држави во светот. И по игра на случајноста, се соочив и со справувањето на еден врвно подготвен систем со она што денес веќе е опасност за целиот свет – коронавирусот.

Во почетокот на февруари, короната земаше замав во Кина и штотуку почна да навлегува и во Сингапур. Европа сè уште беше мирна и недопрена. Иако, во тој период сè уште се шпекулираше без потврдени сознанија за начинот на пренесување на вирусот, во Сингапур беше видлива подготовеноста за справувањето со него и за спроведување превентивни мерки кои овозможија
воспоставување на контрола врз целата ситуација.

Вирусот, сепак, навлезе во земјата. Но, како беше пресретнат? Висок степен на системска организираност, ред, дисциплина и почитување на препораките, што, верувам, во голема мера придонесе сега, два месеца по првиот регистриран случај, оваа држава која е релативно блиску до изворот на вирусот и една од првите која најдиректно беше изложена на него, да има релативно мал број инфицирани, со ниту еден смртен случај:

При влез во државата на аеродром, посебно беа регистрирани и издвојувани патниците кои во изминатите 14 дена престојувале во Кина (тогаш, вирусот го имаше само таму). Тие беа тестирани и веднаш сместувани во карантин. Оние со симптоми на коронавирус беа згрижувани во болница, додека оние без симптоми беа сместувани во домашна мошне строга изолација – неколку
пати во текот на денот добиваа смс, по што мораа да кликнат на еден линк кој ќе покаже дали телефонот се наоѓа на адресата на која е пријавен. Покрај тоа, беа спроведувани и директни посети во домовите на изолираните. Сепак, карантинот е првиот, најнеопходен и најдиректен чекор во спречувањето на ширењето на вирусот.

Во тој момент, појавувањето на вирусот во земјата беше лоцирано во два објекти – верски храм и елитен хотел, по што тие беа затворени и сите кои изминатите 14 дена престојувале во нив беа тестирани и ставени во карантин.

Во продавниците и сите други јавни објекти, вработените во директен контакт со потрошувачите носеа ракавици и маски. Маските беа честа појава и низ улиците, метрото, автобусите…

На влезовите на сите верски храмови, административни згради, ресторани и шопинг-центри, служби за евидентирање го регистрираа секој посетител со име и презиме, број на лична карта или пасош и телефонски број. Ваквата мерка беше спроведена за прецизно да се има увид кој влегува во објектот и за да може лесно и брзо да се пронајде и исконтактира, доколку се појави потреба за тоа.

На влезовите на објектите (и јавните и приватните) и внатре, најчесто во лифтовите, но и во секој јавен тоалет, метрото, па дури и на некои од автобуските постојки, беа поставени средства за дезинфекција на рацете. Луѓето, во најголем број, одговорно ги употребуваа.

Можеби не кажав нешто непознато, зашто слични мерки сега се применуваат и кај нас. Да ги почитуваме препораките, да бидеме
повнимателни и поемпатични, да го зголемиме нивото на самосвест и будност. Ако успееме во сето тоа, иако нивото на свесност и будност во Сингапур беше навистина неспоредливо, можеби ќе успееме да се справиме онака ефикасно и брзо со овој предизвик како што успеаја и тие.


Current track

Title

Artist