Музички вести

Се продаваат последните билети и за вториот концерт на Драган Мијалковски

todayMarch 28, 2024 25

Background
share close

Откако првиот концерт на Драган Мијалковски на 2 април во Националната Опера и Балет се распродаде во рекордно време, со задоволство најавуваме дека се трошат последните билети и за вториот концерт – на 3 април. Побрзајте, бидејќи трет концерт ќе нема!

Јубилејните гала-концерти на нашата музичка легенда Драган Мијалковски ќе се одржат во придружба на Големиот концертен оркестар и  членови од Националниот џез оркестар во организација на Радио Бубамара.

„Подготовките за јубилејните концерти траат веќе подолго време, речиси повеќе од еден месец. Работи целата екипа, особено на шефот на проектот, од музички аспект, Дамир Имери, кој прави адаптации на нумерите и се додаваат гудачи. Добиваме респектабилен концертен настан. Има многу млади одлични музичари кои уживаат во тоа што го работат, особено во евергрин композициите, кои ги има доста во мојот репертоар.

Чувството за таа подготовка е пред се професионално. Кај мене секога преовладува тој професионален кодекс на однесување. Не збеснувам, ги извршувам секојдневните обврски и си вежбам посветено. Сега се навраќам на одредени песни, а оркестарот засега пробува без мене, па потоа и јас ќе им се придружам на пробите“, вели Мијалковски.

На програмата се најпопуларните песни на Драган Мијалковски кои ќе бидат изведени во исти аранжмани како во старите добри времиња. Ексклузивно ќе бидат претставени и две песни од новиот албум, на кој Мијалковски интензивно работи.

„На концертите ќе бидат изведени моите стандардни хитови. Публиката веќе ги знае напамет. Такви имам можеби 15 и повеќе, но во моментов за да направам до 20 композиции додадов уште две нови. Едната е „Насмевни се Вардаре“, песна која е позитивна слика на нашата најголема река Вардар. Сите ние емотивно сме врзани за реката Вардар, особено оние кои живеат покрај течението на реката, а песната говори за Вардар како река хранителка.

Втората е балада и се однесува на темата самотијата како нужна, но некогаш како позитивна, а некогаш како негативна. Човекот се повлекува од врева, од настани, од урбан простор и оди во природата…она што јас го нарекувам „наследена дедовина“ и тоа е најчесто во природа, во некое село. Раскажува интересна приказна, со убави описи на природата.

И двете песни се во стилот на воспоставениот македонски шлагер кој потекнува од Драган Ѓаконовски Шпато, Димитар Масевски, Александар Џамбазов, Славе Димитров, а по нив мојата генерација го надоградуваше шлагерот и ми импонира кога младите презентираат забавна наша македонска песна“, додава Мијалковски.

Концертот ќе се снима за да се архивира за идните генерации, затоа подгответе се заедно да ги пееме  незаборавните „Кажи ми“, „223-3О5“, „Скопје радост моја“, „Кажи нешто, драга“, „Перонот 3“ , „Моја малечка гулабице“, “Убава си како музика“, „Ти така ми доаѓаш“, „Оди си“, „Иди, иди, душо моја“, „Гитаро моја“, „Лебеди, пловете“ и други незаборавни песни, кои одамна си нашле место во домашната антологија на евергрини.

Очекуваме концертотот да биде посебен настан, време за уживање и ронка носталгија и заедничка прослава на домашната музичка култура и нашите најголеми музички вредности.

Written by: radiobubamara_editor

Rate it

Post comments (0)

Leave a reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


0%