„Макфест“ со интернационален концепт

Откако новиот уметнички директор на „Макфест“ Љупчо Мирковски по пауза од 17 години одлучил да го врати интернационалниот концепт на фестивалот, годинава може лесно да се случи на еден од најреномираните македонски фестивали на забавни мелодии да победи странец.

Имено, според новите пропозиции, кај учесниците од Европа и од регионот нема да има ограничувања на јазикот на кој ќе се интерпретира песната, па тоа значи дека годинава на штипскиот фестивал не е исклучена можноста да триумфира композиција која ќе ја изведе странски изведувач, а истата нема да биде отпеана на македонски јазик.

Засега се потврдени настапите на изведувачите од Шведска, Австрија, Словенија, Норвешка и Германија, а од македонските имиња, меѓу другите, најавено е дека ќе ги видиме: Нина Јанева, Викторија Лоба, Џина Папас – Џокси, Сара Мејс, Ѓоко Танески…

Фестивалот „Макфест 2016“ ќе се одржи вo првата половина на месец јуни 2016 година во Штип и ќе презентира вкупно 30 нови забавни мелодии. Во трите дена колку што е предвидено да трае фестивалот, ќе се одржат 2 полуфинални вечери, секоја со по 15 композиции и една финална вечер со вкупно 18 композиции, односно по 9 композиции од секоја полуфинална вечер кои ќе бидат избрани по пат на гласање. Предвиден е директен телевизиски пренос на трите фестивалски вечери, а изведувачите ќе настапуваат во живо и нив на сцената во Домот на културата „Ацо Шопов“ ќе ги придружува Ревискиот оркестар на МРТВ.