Жељко Бебек со симфониски и тамбурашки оркестар во Скопје

Сараевскиот кантавтор Жељко Бебек ќе одржи концерт во Скопје. Концертот е закажан за 5 март во арената „Борис Трајковски“. Бебек, кој со Бјело дугме ги сними првите шест антологиски албуми: „Kad bi bio bijelo dugme“, „Šta bi dao da si na mom mjestu“, „Eto! Baš hoću!“, „Bitanga i princeza“, „Doživjeti stotu“ и „Uspavanka za Radmilu M.“, доаѓа за прв пат во Скопје со свој соло концерт и со досега невидена формација, со 60 луѓе на сцена, симфониски и тамбурашки оркестар, како и неговиот матичен бенд што ќе го придружуваат Бебек на сцената.

Скопскиот концерт на Жељко Бебек е во рамките на концертната турнеја што претставува круна во неговата кариера, во која оваа легенда слави 40 успешни години на музичката сцена во овие простори. Бебек на југословенската рок-сцена се прослави во почетокот на седумдесетитте години како фронтмен на Бјело дугме и стана синоним во најплодната музичка ера на групата. Како заштитен знак на групата, Бебек ги отпеа незаборавните: „Sve će to, mila moja, prekriti ruzmarin, snjegovi i šaš “, „Ne gledaj me tako i ne ljubi me više“, „Tako ti je mala moja kad ljubi Bosanac“, „Doživjeti stotu“, „Bitanga i princeza“, „Ima neka tajna veza“, „Selma“, „Odlazim“, „Što bi dao da si na mom mesto“, „Sanjao sam noćas da te nemam“, се песните што скопската публика ќе има шансa да ги слушне во негова изведба заедно со симфониски оркестар.

На претстојниот скопски концерт, освен хитовите на Бјело дугме, публиката во речиси тричасовно музичко патување ќе има прилика дa ги чуе и хитовите од неговата соло кариера.