Денеска почнува 31. издание на Макфест

Вечер во Домот на културата "Ацо Шопов" во Штип, почнува 31. издание на фестивалот Макфест.

Годинашниот Макфест е поделен на две полуфинални вечери кои ќе се одржат вечер и утревечер, а финалето е во сабота. Вкупно 30 песни во двете полуфини вечери ќе се борат за влез во финалето, во кое ќе влезат 18 песни. Вкупниот награден фонд на фестивалот годинава е 26.500 евра. Победникот со авторскиот тим добива 10.000 евра, второпласираниот 7.500, а третиот 5.000 евра. Награди од по 1.000 евра ќе добијат најдобриот аранжман, интерпретација, дебитант и сценски настап. Традиционално, ќе се додели и награда за најслушана песна меѓу двата фестивала.

Годинава, Макфест го врати меѓународниот натпреварувачки концепт. Покрај 23-те домашни пејачи, ќе се натпреваруваат и 7 гости од странство, кои за разлика од правилото во осумдесеттите и во деведесеттите години, не мора да пеат на македонски јазик. Вечерва прва ќе пее Лена Затковска. По неа ќе пеат: Зоран Рудан-Цеки, Стефан Давидовски, Александра Јанева, Викторија Лоба, Мартинијан Кириловски, Дејан Тасев, Александра Михова, Горан Наумовски, Џокси, Џими Роџерс од Австрија, Ања Ветерова, Јудит ван Хел од Германија, Мариа Масле од Словенија и "Трио Џентлмен". Оркестарот "Биг бенд" ќе настапи во ревијалниот дел за време на гласањето.

Втората фестивалска вечер во петок ја стартува Огнен Здравковски, а по него следат: Ѓоко Танески, Томас, Сара Мејс, Антониа Гиговска, па гостинката од Шведска, Каролина Фурберг. Следат Филип Божиновски, Ива Христовска, Лајла Самјуелс од Норвешка, Марија Груевска, Милена Драговиќ од Србија, Тане Ѓуревски, Ѓорѓи Димитров и Рајан Долан од Ирска. Австриецот Џими Роџерс, освен што се натпреварува првата вечер, ќе пее и во ревијалниот дел по второто полуфинале. Во ревијалниот дел на финалната вечер, в сабота, ќе настапи првата победничка на Макфест од 1986 година, Хелена Благне од Словенија која ја испеа безвременската "Што те нема". Водител на трите фестивалски вечери е Димитар Атанасовски, а МТВ 1 ќе врши директен пренос од трите вечери од 20.15 часот.

Директорот на Макфест, Љупчо Мирковски објави дека на 31. издание на "Макфест" во Штип, наградите за најдобра интерпретација и дебитант ќе ги носат имињата на починатите Драган Каранфиловски-Бојс, односно Душан Љубисавлевиќ-Дуле. Исто така, Мирковски појасни дека покрај телеволтингот, ќе гласа и стручно жири составено од двајца членови од Англија, еден од Холандија и неколку од Македонија, но право на гласање ќе имаат и самите пејачи кои нема да можат да гласаат за себе.