Горан Трајкоски на 15 декември со концерт ќе го промовира „Тешкиот глас на новите химни“

Во киното „Фросина“ на 15 декември од 21 часот ќе се одржи промотивен концерт на Горан Трајкоски – Готра по повод новиот албум „Тешкиот глас на новите химни“.

Албумот е во издание на МКЦ Скопје, а е сниман, миксан и мастериран во студиото „Тралала“ во Скопје.

Трајкоски со својот специфичен траорен белег претставува уникатна музичка појава и е еден од штитоносците на алтернативната музичка сцена.

Готра е познат и како вокалот што ги отпеа нумерите од неповторливата музика на „Анастасија“ за филмот „Пред дождот“, но и еден од бившите членови на „Мизар“. Низ својот музички полет има свирено и за „Сарацени“ и „Апореа“, колаборирано со повеќе музичари, со групи како „Мугер Фугер“, а од крајот на 80-те се занимава и со театарска музика.

Концертот е 300 денари, а со секој купен билет посетителите добиваат подарок ЦД од новиот албум на Трајкоски.