Влатко Стефановски со нов албум „Мајчин јазик“

Влатко Стефановски го објави својот нов албум „Мајчин јазик“, кој излезе под етикетата на хрватската издавачка куќа „Кроација рекордс“. Албумот веќе може да се набави преку веб-продавницата на издавачката куќа.

„Мајчин јазик“ доаѓа три години по неговиот последен албум „Сеир“, но за разлика од него, новиот албум донесува девет инструментални верзии на македонски народни песни, но и теми од опусот на „Леб и сол“. Како бонус песна, која е единствена вокална на албумот, е „Море сокол пие“, која Стефановски ја изведува заедно со Раде Шербеџија, кој ги пее стиховите на оваа позната македонска песна.

Меѓу другите песни се „Бистра вода“, „Успаванка за Радмилу М“, „Јано мори“, „Димитрио, сине Мите“, „Македонско девојче“, како и „Зошто си ме мајко родила“, која е посветена на Стево и на Есма Теодосиевски.

„Одликата на вистинскиот уметник не е да направи што подобра реплика на постојното дело, туку својата перспектива и виртуозност да ги инкорпорира во изведбата. Токму затоа овој албум ќе го пронајде патот до секој искрен љубител на музиката и делото на Влатко Стефановски. Овие инструментални верзии на песните не се ладни и далечни, туку пренесуваат топлина и емоции. Секој тон, кој ги има одбрано и отсвирено тој ја задржува својата визија“, пишува во официјалната најава на „Кроација рекордс“ за ова ново издание на Влатко Стефановски.

Албумот „Мајчин јазик“, има интересна насловна страница, на која се наоѓа фотографија од неговата мајка Нада – во улога на Маша од драмата „Жив леш“ на Толстој 1940 година и му дава на албумот посебна емоционална вредност.