12 години НЕПРЕБОЛ !

Written by on октомври 16, 2019

Вторник, 6,25 часот, 16 октомври 2007 година. Тоа утро се случи нешто што никако не смееше да се случи !!! Тоа утро неповторливо им го измени животот на сите оние што барем еднаш го имаа слушнато гласот на македонскиот славеј. Тоа злокобно утро, на 16-ти октомври загина македонската музичка ѕвезда Тоше Проески, во тешка сообраќајна несреќа која се случи крај Нова Градишка, на автопатот Загреб-Липовац. Почина на 26 годишна возраст. 12 години непребол. Да беше жив денес ќе имаше 38 години.

Тоше Проески беше омилен пејач, а го сакааа и ќе го сакааат и младите и повозрасните. За него не постоеја граници.
Амбасадорот на македонската музика со својот талент направи не само Македонија, туку и цел регион да се поклонува пред него.
Тоше во текот на својата блескава кариера отпеа некои од најубавите љубовни стихови на сите времиња, во кои секогаш ќе уживаме.

Тој ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ако ме погледаш у очи“ – верзија на српски јазик (2003) „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“ – верзија на српски јазик (2004), „По тебе“ (2005), „Пратим те“ – верзија на српски јазик (2005), „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007) и „Игре без границе“- хрватска верзија (2007), а изведувал и голем број странски хитови.

Последниот  албум „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007.

Тоше беше амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ, а постхумно е прогласен за почесен граѓанин на Македонија.

Единствен, непреболен, незаборавен… Иако поминаа 12 години од смртта на Тоше Проески, тој останува нашата најсветла ѕвезда.


[There are no radio stations in the database]