ВО СООБРАЌАЈКА ЗАГИНА ЛЕГЕНДАТА НА МАКЕДОНСКАТА КОШАРКА БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ-БУШТУР

Written by on јануари 30, 2020

Несреќата се случила во Кисела Вода, кај сервисот „Скендеровски“, откако легендарниот поранешен македонски и југословенски кошаркар, Благоја Георгиевски излетал од патот со возилото и удрил во бетонските блокови поставени крај булеварот.

Истрагата за причините за оваа несреќа е во тек. Буштур беше голем кошаркар, член на славните генерации на Работнички од осмата деценија во минатиот век и на селекцијата на поранешната заедничка држава Југославија, беше селектор на Македонија, а подоцна и спортски функционер во нашата земја.

Благоја Георгиевски е роден 1950-та година во Скопје, не напушти на 69-годишна возраст, во трагична сообраќајна несреќа во нашиот главен град. Зад себе остава наследство што доволно зборува за неговиот карактер и за неговите достигнувања, за она што им го подари на помладите генерации, кои треба да се надоградат и да продолжат по неговиот пат.

Играше кошарка во редовите на Работнички, остана верен навивач на дебармаалскиот клуб до крајот на животот, иако во одреден период беше тренер на МЗТ Скопје. Беше вториот селектор на нашата репрезентација, во периодот 1995-96.

Со најтрофејната македонска екипа, играше кошарка во Првата сојузна лига на Југославија, кога во Градски парк паѓаа најголемите клубови во тогаш една од најсилните европски национални лиги.

Во сезоната 1975/76, тој играше во полуфиналето на Купот на победниците на куповите против Олимпија Милано, тогаш со името на спонзорот Чинзано, фанмозниот италијански вермут. Во неизвесното полуфинале, италијанскиот тим победи со тесна вкупна разлика во двата меча (179:171), а подоцна стана и шампион.

Буштур беше член на сите категории на југословенската репрезентација. Со младинската, на клупата со Лазар Лечиќ ја освои Балканијадата во Риека во 1970-та година, на младинското ЕП во Атина беше на четвртото место. Има две златни одличја од Медитеранските игри, во 1971-та и во 1975-та.

На ЕП 1971 во Германија освои сребро, а потоа го повтори истиот резултат и на ЛОИ во Монтреал 1976, што се уште се смета за најголемо достигнување на еден наш кошаркар, во историјата на македонската кошарка. Учествуваше и на ЛОИ во Минхен 1972, го освои 5-то место.

Буштур беше член на раководните тела на Макоедонскиот Олимписки Комитет, а во 2004-та година на ЛОИ во Атина го носеше нашето знаме на свечената церемонија, што е уште една од најголемите почести што може да ја доживее еден спортист. Од 1997-та година, Благоја Георгиевски е член на Клубот на Великаните на МОК.


[There are no radio stations in the database]