Тони Манџуковски промовираше поема во чест на Тесла

Written by on јули 10, 2020

Скопје, кое на пронаоѓачот и ексцентрик Никола Тесла, му посветило улица помеѓу населбите Карпош 1 и Карпош 2, синоќа му посвети и книга.

Во „Тесла бар“, на улицата „Никола Тесла“, во рамки на Скопско лето синоќа беше промовирана љубовно-патеписната поема „Како ти и јас“ на Тони Манџуковски, писател, сценарист, продуцент и електро-инжинер. Поемата е импресија од младоста на Никола Тесла, преку која авторот обработува повеќеслојна тематика, навидум претставена како патепис – прошетка низ шест града, а всушност осврт на духовната страна на Тесла.

Манџуковски, во јавноста познат и како Манџук, е дипломиран електро инженер, магистер по електротехнички науки. Моментално работи во ФЛАОП, Факултет за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитет Св. Кирил и Методиј, Скопје. Досега објавил 5 книги: „Скалила кон градот на пингвините” (1999), „Скршениот Шестар” (2001), „Аквадукт” (2005), „Анализа на електромагнетните појави во двобрзински еднофазен асинхрон кондезаторски мотор” (2013) и „Аманет” (2015). Тој е автор, сценарист, продуцент и режисер на 4 перформанси: „Не е се во симболите, има нешто и позади нив”, „Светот на мултитривијалноста”, „Корените од Аквадуктот” и „Аманет”.

Новата книга е промовирана во пресрет на денешниот 164-ти постхумен роденден на Никола Тесла (1856 –1943), физичар и инжинер, пронаоѓач и ексцентрик, кој го променил курсот на модерната наука и развил алтернативен систем за дистрибуција на струја. Никогаш не ги почувствувал придобивките на своите откритија. Дури не ја добил ни нобеловата награда. Велел: „Сегашноста е нивна, иднината, за која навистина работам, е моја“.


[There are no radio stations in the database]