„Тафталиџе шафл“ на Влатко Стефановски номиниран за европската награда „Импала“

Written by on јануари 21, 2021

Албумот на Влатко Стефановски – „Taftalidze Shuffle“, објавен за најголемата регионална дискографска куќа „Croatia Records“, е меѓу 25-те номинирани албуми од сите делови на Европа за единаесеттото издание на наградата „Импалa“ за најдобар албум, избрани оваа година од членовите на Регионалното здружение на независни дискографи (РУНДА).

Дваесет и петте номинирани албуми носат различни музички стилови, од фински поп до француска електроника, преку балканска музика, дански блуз, до еклектичен музички израз на номинираните британски изведувачи.

Извршниот директор на „Импалина“, Хелен Смит, со објавувањето на списокот на номинирани истакна дека оваа година списокот вклучува 25 врвни албуми.

– Ова е одличен начин да се посочат одлични музичари кои доаѓаат од различни делови на Европа. 2020-та година беше тешка година, но оваа листа на номинирани е ветер в грб за добар почеток на 2021 година, нагласи Смит.

Од „Кроација рекордс“ посочија дека „Taftalidze Shuffle“ е ново студиско издание на македонскиот виртуоз, а девет песни снимени во неговото студио „Езотерија“, како што наведоа, сигурно ќе ги израдуваат сите љубители на добрата музика.

– Влатко, како и многумина досега, го посвети овој албум на своето Скопје и своето маало Тафталиџе, кое што има посебно место во неговото срце. Песните се крајно интимни и лични, а сепак толку блиски до сите, токму поради сензибилитетот што го носи неговата музика. Авторството на музиката, текстовите и аранжманите, како и продукцијата на сите девет песни ги потпишува самиот Влатко, нагласија од „Кроација рекордс“.


[There are no radio stations in the database]