Славни и изолирани!

Written by on март 16, 2020

Актери, фудбалери, политичари, кошаркари…. Многу славни личности потклекнаа пред новиот вирус, давајќи личен пример со какво однесување се помага во спречувањето на натамошното ширење на актуелната здравствена закана

„Здраво, луѓе! Рита и јас сме во Австралија, се почувствуваме истоштено, се тестиравме на корона вирус и тестовите се покажаа позитивни! Сега сме во изолација“. Вака актерот Том Хенкс и неговата сопруга Рита Вилсон на 11 март објавија дека го закачиле новиот вирус, што се рашири низ светот. Хенкс е во Австралија на претпродукција за новиот биопик за Елвис Присли во кој ја игра улогата на Колонел Том Паркер, долгогодишниот менаџер на музичката икона. Снимањето на филмот, во режија на Баз Лурман, е запрено.

Пет дена подоцна, во ова друштво на славни личности, кај кои е дијагностициран новиот вирус, се најдоа уште неколкумина. Тестот на ковид 19 кој, следејќи ги медицинските препораки, го направи Софи Трудо, сопругата на канадскиот премиер Џастин Трудо, излезе позитивен. Симптомите се слаби, сопругата на премиерот е изолирана, а во 14-дневна изолација е и премеирот, иако нема никакви симптоми на болеста.

Даниеле Ругани, фудбалерот на „Јувентус“, е првиот играч на италијанската топ-лига, чиј тест на новиот вирус излезе позитивен. Целиот тим на „Јувентус“ е во соодветна изолациска процедура, вклучувајќи ги и сите кои имале контакти со Ругани. Но, во карантин или тн. „црвена фаза“ е и цела Италија, новото европско жариште на корона вирусот.

Откако беше потврдено дека кошаркарот на Јута џез Руди Гобер е позитивен на корона вирусот, НБА ги суспендира сите натпревари – на неодредено време, се додека условите не го дозволат повторното одржување на многу популарните натпревари на машката професионална кошаркарска лига на Северна Америка.

„Арсенал“ е на оф, откако на тренерот на фудбалскиот клуб Микел Артета му е дијагностициран вирусот ковид 19. Во самоизолација се целиот тим, тренерската екипа и целиот помошен персонал. Еден од најпопуларните тимови во британската Премиер лига е на пауза, а сите натпревари се одложени – најверојатно до 4 април, кога се очекува нова акција во британскиот фудбал.


[There are no radio stations in the database]