Скопје се сеќава: 57 години од земјотресот, кој до темел го разурна главниот град!

Written by on јули 26, 2020

Скопје, 26 јули 1963 година, точно е 5.17 часот наутро, одеднаш силен потрес, се слуша силен татнеж, се чувствува силно тресење и нишање. Што се случува? Земјотрес, катастрофа…

Разурнато Скопје……

Тоа кобно утро, пред точно 57 години, Скопје беше разурнато од земјотрес од 9 степени по Меркалиевата скала (6,1 според рихтеровата сеизмичка скала) кој траел 20 секунди, а помали потреси имало до пет часот и 43 минути. Скопскиот земјотрес се почувствувал на простор од околу 50.000 квадратни километри, низ долината на реката Вардар. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200 илјади луѓе останале без покрив над глава. Под урнатините животот го загубиле 1.070 граѓани, а биле повредени над четири илјади граѓани.

Првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики и неколку дена по земјотресот започнала да пристигнува и помош и спасувачки екипи од целиот свет. Точно 87 нации од светот испратиле некаква помош во Скопје кои помогнале тој да се изгради повторно, поради тоа градот го носи и епитетот „град на солидарноста“.

Многу познати светски личности активно се заложиле за обновата на градот. Меѓу останатите Пабло Пикасо на Скопје му ја подарил сликата „Глава на жена“.

По земјотресот градот почнал да се гради по урнек по проектите на Кензо Танге и Адолф Циборовски. Старата железничка станица денес е Музеј на град Скопје и претставува симбол на големиот земјотрес. Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути.

Секоја година 26-ти јули не потсетува на солидарноста на скопјани и на солидарноста на светот од 1963 година кога катастрофалниот земјотрес со својата уривачка моќ однесе многу човечки животи и го претвори Скопје во урнатина. Овој датум е врежан во колективната меморија за Скопје како еден од најтешките моменти во неговата историја и постоење.

 


[There are no radio stations in the database]