По 27 години, култната „Дајте музика“ се враќа на ТВ екраните

Written by on септември 18, 2019

Неодамна започна снимањето на една од најпопуларните емисии за деца „Дајте музика“.

Имено, овој едукативно-музички серијал се враќа на малите екрани по речиси три децении.

Во копродукција на Македонската радио телевизија и продукцијата „Рифенштал” се снимаат нови епизоди од шоуто, а токму изминатото деноноќие заврши снимањето на првата сезона од оваа реобновена музичка серија за деца.

Со „Дајте музика“се забавуваа најмладите, но освен тоа, овој детски серијал им помагаше и на родителите во воспитувањето на децата низ случките на Трајче, Сара, Наташа, Раде и Оливер, кои се  веќе возрасни и имаат различни професии, а и веќе се остварени во улогата на родители.

И секако, во новите епизоди од продолжението на популарното забавно-музичкото шоу, по 27 години, ќе ги видиме и нив, првата генерација, кои ги понесоа и своите деца и заедно се дружеа со новите мали ѕвездички од шоуто.

Автори на продолжението се Лазар и Цаци Паковски, а најголем дел од протагонистите се од актерската школа на Весна Петрушевска, која е и инструктор по актерска игра во проектот.

Серијалот е во режија на Лазар Паковски и Владимир Митревски.

Серијата повторно ќе изобилува со музика, а новите детски хитови ги потпишуваат Никола Перевски-Пере, Роберт Билбилов, Ристо Самарџиев, Игор Џамбазов и други.

Во серијалот ќе се појават и познати домашни музичари, како Каролина, Тамара, Влатко Стефановски, Владо Јаневски, Лозано, Елена Ристеска, Бени Шаќири, Дарио, Дани и „Нокаут“.

Улогата на мајстор ја толкува Ѓокица Лукаревски, полицаец ќе биде Нино Леви, а ќе гостуваат и други актери и познати македонски спортисти.

 

Инаку, да потсетиме, оригиналната идеја на ,,Дајте музика“ е на Васил Пујоски, а вака изгледаше првата епизода од оригиналната серија ,,Дајте музика“.

фото: фб на „Дајте музика“


[There are no radio stations in the database]