По три години пауза, Тамара има нов хит

Written by on септември 5, 2018

По три години музичка пауза и денови посветени на мајчинството, Тамара Тодевска денес точно на пладне на Стоп ТВ, го промовираше својот нов сингл насловен „Довидување таго“. И зад оваа песна се потпишува тимот кој што веќе години наназад, животот на Тамара го раскажува низ песна. Музиката и аранжманот се на Роберт Билбилов, текст Игор Џамбазов, видео запис Чедо Поповски.

„Џамбаз ме познава како дишам. Билбилов исто така. И оваа песна како и многу претходни е буквално приказна од мојот живот. Раѓањето на Хана ме промени комплетно. Ми донесе една сосема нова енергија и во домот и во секојдневието. Игор знае како тоа да го раскаже со зборови затоа што ја гледа позитивната промена во мене. Среќна сум и исполнета а таква е и песната. Многу ми е драга затоа што ја отсликува позитивата која што ја живеам последниве години а најавува и нова. Видеото со Чедо го снимивме на една прекрасна плажа во Грција во петтиот месец од мојата втора бременост“, вели Тамара.

Деновиве Тамара освен што на кратко се врати во студио, ги посветува на семејството, сопругот Александар и ќерката Хана. Нестрплива до породувањето, слично како и за својата прва бременост вели дека нема да заборави на работата, напротив со музика и нови песни ќе го донесе на свет и своето второ дете.

За реализацијата на ова музичко парче, Тамара ја обнови соработката со своите стари пријатели и поддржувачи Пелистерка.

„Обновената соработка со Пелистерка е уште еден убав момент во целата оваа приказна. Ме радува фактот што оваа успешна македонска компанија застанува зад македонската музика која што периодов не ги живее своите најсветли моменти“ – изјави Тамара Тодевска.


[There are no radio stations in the database]