Почина легендарниот Горан Стефановски

Written by on ноември 29, 2018

На 66-годишна возраст, по кратко боледување, во Велика Британија, почина познатиот македонски драматург Горан Стефановски.
Последните години од својот живот ги помина во Велика Британија, во близина на Лондон, од каде што  стаса и веста за неговата смрт.
Стефановски е роден во Битола во 1952 година, завршил Филолошки факултет во Скопје, на катедрата по англиски јазик и книжевност. Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград каде што и магистрирал на тема „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“. Работел во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на скопскиот Филолошки факултет. Од 1986 година бил професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје.
Со појавата на Стефановски современата македонска драма доживува голем успех, особено со неговите драми „Јане Задрогаз“, „ Диво месо “, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“.
Стефановски е автор на телевизиските драми „Клинч“, „Сослушувањето на железничарот“ и на ТВ сериите „Тумба, тумба дивина“, „Бушавата азбука“.
Тој е добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“.

Фамилијата на Стефановски објави дека Горан Стефановски ќе биде кремиран на ден 05.12.2018 година во Бархам Крематориум во Кентербери во 9.20 часот.
Пепелта по негова желба во пригодна прилика ќе биде расфрлана во водите на Охридското Езеро.
Вечна почит кон великанот.


[There are no radio stations in the database]