Поука – Италијаните испраќаат пораки до себеси од пред 10 дена

Written by on март 24, 2020

Ова е поука и за нас, кои и 12 дена по препораките за останување дома, се уште нецелосно го практикуваме тоа

Јутјуб каналот A THING BY објави трогателно и поучно видео, кое очигледно длабоко допре многумина, постигнувајќи 4 милиони прегледи во рекордно кратко време. Авторите на видеото побараа од Италијаните да снимат и да испратат видео-порака, адресирана до себеси од пред 10-15 дена, кога немаше назнаки дека коронавирусот толку длабоко ќе ја разниша земјата.

-Престани да и се смееш на мама, кога ти вели да купиш маски за заштита, оди и купи ги, идиоту – остра е девојка во пораката што си ја испраќа себеси од пред една недела.

-Пред 10 дена имавме 2000 заразени, сега имаме 30 илјади – вели момче во своето видео, поразено од драматичниот пораст на бројот на заболените.

-Ова што се случува е многу полошо одошто си мислела. Ќе сфатиш дека самиот факт што можеш да вдишуваш воздух во сопствениот дом е нешто на што треба да си благодарна – емотивна е средовечна жена во својата снимка.

-Ќе проживееш моменти на заедништво, какви што никогаш не си замислувала. Како оној кога сите излеговме на терасите и целото соседство почна да пее. Сите пеевме некоја своја песна, но сите некако бевме заедно – порачува млада девојка.

Сите се согласуваат дека најдобриот совет што можат да си го дадат себеси десет дена наназад е – остани дома. Со сегашното искуство, емотивните Италијанци на снимките признаваат дека го потцениле вирусот и апелираат до себе во минатото и на остатокот на светот во сегашноста, во овој момент – бидете одговорни, сфатете ја сериозноста на ситуацијата и заштитете се себеси и својата околина, најдобро што можете.


[There are no radio stations in the database]