Крушево ќе го одбележи 38. роденден на Тоше, фановите од Балканот веќе пристигнуваат

Written by on јануари 24, 2019

Утре, 25 јануари во спомен куќата „Тодор Проески“ ќе се одбележи уште еден роденден на големата музичка ѕвезда Тоше Проески со настап на македонската пејачка и пријателка на Тоше, Елена Ристеска.

Во одбележувањето на роденденот на Тоше се вклучени Меѓународната фондација „Тодор Проески“, музејот Спомен-куќа на Гумење и крушевската локална самоуправа, а како што информираат од Музејот, фановите на Тоше од Словенија, Бугарија и Србија веќе пристигнуваат во Крушево да му оддадат почит на Тоше, да потсетат на него, пеејќи ги неговите песни.

Организираното одбележување  почнува утре,петок, од 11.30 часот кога приврзаниците на Тоше, фановите, претставниците на инситуциите ќе го посетат неговото вечно почивалиште на Гумење.

Напладне, во спомен-куќата на Тоше, почнуваат манифестациите. Учениците од крушевското училиште „Наум Наумоски – Борче“ ќе читаат извадоци од песните на Тоше, ракотворци од Битола ќе изработуваат дела од срма и монистра, тематски поврзани ликот и делото на Тоше Проески, а ќе настапат и поединци, и тоа Сотираки Чакалар, Марија Котеска и Елена Ристеска.

Од 9 до 16 часот в петок, во Спомен-куќата, ќе се одржи и традиционалната крводарителска акција во чест на Тоше.

Еден ден подоцна, во Центарот за култура во Битола, Камерниот оркестар ќе одржи концерт посветен на најголемите македонски евергрини и незаборавни песни од Тоше, кои на настанот соодветно насловен „Засекогаш во срцата“ ќе ги изведуваат: Елена Ристеска, Наде Талевска, Ѓоко Танески, Димитар Андоновски, Антонија Гиговска, Бојан Стојков, Елена Петреска, Тамара Стојковска и Ана Гаштарова.


[There are no radio stations in the database]