Кралот на валцерот, Андре Риу, вечерва во Скопје

Written by on јуни 6, 2019

Светската ѕвезда Андре Риу, еден од најпопуларните интернационални музичари, прославен како современиот „крал на валцерот“ од Мексико до Австралија,  денес, 6-ти јуни ќе настапи во живо во Арена „Борис Трајковски“ во Скопје со неговото бомбастично сценско шоу во рамки на неговата светска турнеја за 2019-та година.

Концертите на Андре Риу се огномет од емоции.

На речиси 100 концерти годишно, Риу гарантира совршена забава со светски познатите, романтични и мелодии полни со душа како и со бројни изненадувања, хумор и првокласни интернационални солисти.

Заедно со неговиот 60-член Јохан Штраус Оркестар, најголемиот приватен оркестар на светот, харизматичниот Холанѓанец речиси 30 години го обиколува светот.

Како поздрав на македонската публика, Риу во февруари објави видео на која со оркестарот ја свири познатата песна „Македонско девојче“, која ја напиша легендата на народната песна Јонче Христовски, а која како што изјави, ќе ја изведат на концертот.

А во пресрет на вечерашниот концерт на Андре Риу во ВИП-арената, организаторите споделија список со важни информации за посетителите што ќе присуствуваат на претстојниот спектакл.
-Онлајн купените билети не треба да се заменуваат. Треба само да го испечатите ПДФ документот (ваучерот) кој го добивате во прилог на мејлот и истиот е Вашата влезница за концертот.
-Влезот за посетителите ќе биде отворен во 18:30 часот.
-Почетокот на концертот е ТОЧНО ВО 20:00 ЧАСОТ!
Апелираме со молба до сите посетители да дојдат на време, бидејќи концертот ќе започне точно во 20:00 часот без одложување.
-Концертната програма вклучува и пауза од 21:00 до 21:20 часот.
-За време на концертот, покрај стандардното правило за забрането внесување на предмети кои можат да ја загрозат безбедноста на настанот, нема да биде дозволено и внесување на професионална опрема за снимање или фотографирање, храна и пијалоци.
-Во концертната сала ќе бидат присутни и 70 редари и волонтери кои Ви се на располагање за секаква помош околу наоѓање на Вашето седиште.
-За фановите на Андре Риеу, во холот пред концертната сала, ќе биде поставен и продажен штанд со официјални промотивни производи и сувенири (оффициал мерцхандисе). Штандот ќе работи од 18:30 до 23:00 часот, па доколку немате време да го разгледате пред концертот, тоа ќе можете да го сторите за време на паузата или и по завршувањето на концертот.
-Паркингот на ВИП АРЕНА „Борис Трајковски“ е со ограничен капацитет, а поради големиот број посетители на овој концерт, за да ги избегнете гужвите ве советуваме да дојдете што порано во Арената и да користите јавен градски превоз и околни паркинзи.
-И конечно, АНДРЕ РИЕУ пристигнува во Скопје со целосна сопствена продукција, 9 шлепери со опрема, комплетна костимографија, речиси 80 музичари на сцена и повеќе од 50 луѓе задолжени за техничката реализација. Овие бројки само ја потврдуваат беспрекорноста во организацијата и продукцијата на концертите на маестралниот АНДРЕ РИЕУ и пред нас е несомнено концертен спектакл каков што досега не сме имале прилика да погледнеме во Македонија. УЖИВАЈТЕ во настанот од кој сигурни сме дека ќе понесете бесценето доживување на кое секогаш ќе се сеќавате!


[There are no radio stations in the database]