Концерт на африканскиот уметник Феми Кути под отворено небо во Градскиот парк

Written by on јуни 7, 2018

Денес, 07 јуни, во 21:00 часот во  Градскиот парк во Скопје, Македонската филхармонија организира интересен и несекојдневен настан. За прв пат досега, музиката на култниот уметник од Нигерија, Феми Кути ќе може да биде слушната со симфониски оркестар,а под диригентската палка на Џијан Емин.

Музиката на Кути не е само обична музика во која можете долго да уживате. Со сплетот од фанк, реге и традиционална африканска музика, Феми Кути до својата публика ја пренесува пораката за сиромаштијата и проблемите кои ги мачат жителите на Нигерија, но и другите земји во Африка. Преку својата музика, тој  има за цел да инспирира и на светот да му ја испрати пораката за работите кои треба на сите нам да ни бидат важни.

Инаку,Феми Кути е познат како најстар син на Фела Кути – пионерот на афробитот, но иако ја продолжил патеката трасирана од неговиот татко, создал сопствен израз на музицирање кој го прави автентичен и единствен. Неговите почетоци со музиката се од раните 1980-ти години и се поврзани со легендарниот Фела Кути и членувањето во неговиот бенд „Египет 80“.

Во 1995 година Феми го објавил првиот албум и од тогаш концертира ширум светот и особено е познат и впечатлив по неговите настапи во живо. Во 2010 година го издаде албумот „Africa for Africa“, за кој беше номиниран за престижната награда „Греми“. Годинава го издаде албумот „One People One World“.

Славниот музичар и борец за човекови права Феми Кути, изрази огромно задоволство што е во Скопје и што неговата музика ќе биде изведена со симфониски оркестар.

-Среќни сме што сме гости во вашата земја. Ова е град со прекрасни луѓе. Првпат работам со симфониски оркестар и тоа за мене е како бајка која се оствари. Веројатно, ова е најголемата работа што ја правам во животот. Џијан Емин ја познава мојата работа и согледа дека може музиката да звучи добро со симфониски оркестар. Затоа јас него го нарекувам брат, затоа што тој знаеше дека е ова вистинска работа, а јас сум среќен што не ја испуштив оваа ретка и прекрасна можност, истакна Феми Кути.

-Сите сме среќни, можеби јас најмногу, рече Џијан Емин. Бев на концертот на Феми Кути пред 14 години во Скопје и за мене тоа беше неверојатно доживување. Драго ми е што оваа идеја стигна до реализација.

Феми Кути гостуваше и во рамките на Скопскиот Џез Фестивал во 2004 година.

 


[There are no radio stations in the database]