Коби Брајант „Црната мамба“- инспирација и легенда!

Written by on јануари 27, 2020

Светот го шокираше смртта на еден од најдобрите кошаркари во историјата, Коби Брајант.

Дополнителен шок светот доживеа и со веќе потврдената вест дека во несреќата загина и неговата 13-годишна ќерка Џана Марија Оноре Брајант.

Во хеликоптерот покрај Коби и ќерката Џана, биле уште седум други патници.

Меѓу илјадниците светски спортисти кои синоќа се збогуваа од трагично загинатиот во хеликоптерска несреќа Коби Брајант, е и најголемиот кошаркар на сите времиња, Мајкл Џордан, кој скршен од болка изрази сочувство до неговата сопруга и до навивачите и управата на ЛА лејкерс.

Меџик Џонсон кој беше еден од легендарните кошаркари од славната американска генерација и првиот „дрим тим“, на социјалните мрежи се прости од својот пријател посочувајќи дека не може да престане да плаче откако ги слушнал ужасните вести.

 

И откако беше потврдена ужасната вест за смртта на Брајант, американските навивачи веќе започнаа акција во која бараат во чест на големиот кошаркар да се повлечат броевите на дресовите во кои играл, да биде ставен на логото на НБА, а да се прогласи и еден ден за празник и тоа – 24 август!

Брајант ја започна кариерата со бројот осум и првата декада ја играше со овој број, а потоа втората со бројот 24. И оттаму сега барањето сите клубови во НБА повеќе да не ги користат овие броеви. Истовремено, како симболика со броевите во кои настапуваше Коби, бараат и да се прогласи национален празник – 24 август.

И на крај барањата одат до таму Брајант да биде новиот лик на логото на НБА, особено што остави силен белег во најсилната кошаркарска лига, а генерации и генерации гледаа НБА и почнаа да тренираат кошарка токму поради него.

Коби Брајант стана еден од синонимите за НБА.

Во лигата влезе веднаш по средното училиште и стана најмладиот играч во историјата на НБА.

Со Лос Анџелес Лејкерс каде што ја мина целата кариера освои пет шампионски титули, има и два златни медала од Олимписките игри со репрезентацијата на САД.

Тој е на четвртото место на вечната листа според бројот на постигнати поени, има два трофеја за најкорисен играч на финалето, а еднаш беше и МВП на регуларниот дел од сезоната.

Легендарниот кошаркар на ЛА Лејкерс Коби Брајант е добитник и на филмската награда „Оскар“ за анимиранот филм „Драга кошарко (Dear Bаsketball)“, во кој ја опиша својата кариера.


Филмот во кој Брајант ја опишува кариерата е анимиран, трае пет минути, кошаркарот е продуцент и наратор во филмот.

Со добивањето на филмската награда Брајант само ја надополни ризницата трофеи што ги освои како играч.

Инаку, тој се занимаваше и со хуманитарна работа обидувајќи се да им го олесни животот на помалку среќните и социјално ранливите категории.

Тој беше семоќен на кошаркарскиот терен, сакаше и умееше да ги инспирира другите луѓе со своите животни потези, за да бидат најдобри во тоа што го умеат.

Инаку, синоќа премиерната церемонија на годинашните Греми награди, што се одржаа во Стејплс Центарот, дом на кошаркарскиот тим на Лос Анџелес Лејкерс, започна со минута молчење за Брајант.

Пред присутните се обрати и популарната пејачка Алиша Кис која рече дека стојат со скршени срца во куќата која Коби Брајант ја изгради

„Ние буквално стоиме тука, со скршени срца во домот кој Брајант го изгради“ рече популарната пејачка.

Светот изгуби херој!


[There are no radio stations in the database]