Интервју на Ранко Петровиќ за МИА

Written by on април 13, 2018

Минатата 2017 ја одбележаа политичките промени ветени во слоганот „Живот во Македонија“. Во најавната реклама порачувате: „единствено ни преостанува подобра забава бидејќи нема подобар живот, ни подобар воздух“. Значи ли тоа дека Златна бубамара 2018 ќе биде сатиричен осврт на спласнати очекувања?

Нашите слогани се препознатливи… Имаме живот во моментов, но на Златна бубамара ќе има многу подобар живот. Ќе трае четири часа нашата мала илузија која ја подготвуваме на наш, бубамаровски начин. Златна бубамара секогаш ја раскажува на музичко-сатиричен начин изминатата година, преку скеч или преку песна, во што учествуваат најголемите музички ѕвезди од Македонија, од Балканот, и публиката која е желна за многу подобар живот. Затоа и таков постер изработивме за оваа година – на него е прикажанао едно фотостудио под отворено небо. Во позадина се гледа бојата и како би можело да изгледа еден момент во животот, а наоколу е сивилото. Идејата со студиото е дека пред камерите секогаш ќе се претставуваме дека сме први во здравство, најдобри во светот, така беше и порано но, за жал, темните облаци дојдоа и има сивило. Треба да го рашириме објективот за да може да ја видиме целата слика и да направиме сивилото да се тргне – не само да живееме, туку и многу подобро да живееме, а за тоа треба да се потрудиме сите заедно. Сакаме да го обиоиме тоа сивило, тој загаден воздух и се што се случува, денот силно да светне и луѓето да излезат од општествениот притвор.

Златна бубамара влегува во третата деценија, што е реткост за манифестации од овој вид. Рецептот за долговечност е сигурно смеата, зашто е препотребна на цел овој географски простор. Но како успеа да преживее и надживее политички гарнитури, па и моќни поединци, а е без пардон кон нив?

Златна бубамара опстојува зашто има добра енергија, позитивна мисла и јасни ставови кои, можеби во првите две години, луѓето не ги препознаваа или се трудеа да наметнат свои. За среќа, успеа нашиот тим да им објасниме на сите која е нашата цел и мисија. Музиката и смеата ги спојуваат луѓето. Нашата намера да се награди и пофали некој беше чиста и јасна и ја работевме многу чесно, без поддршка или шлепање од која било страна. Решивме тоа да биде најдобро шоу во Македонија и во моментов на Балканот. Традицијата и успешноста во изминатите 20 години ни дава можност да не се осмели никој да влезе во нешто што е свето и за Македонија, а мислам и за гледачите. Затоа Бубамара не би сакал никој да ја пипне, особено затоа што награди добиле најзначајни личности, не сме имале афери околу добитниците, никогаш не сме поттикнувале раздор или лоша енергија. Напротив – обединување и покажување на еден културен начин дека луѓето може да се дружат, а не да се натпреваруваат, да пеат заедно, и тоа е тоа што секогаш ги прави незаборавни тие три часа. Тоа е една зона во која не може да допре никој што има лоша енергија.

А се обидел ли некој кому, да речеме, не му се допаднало што се пронашол во вашето сценарио?

Не сме имале реакции од притисоци, туку реакции во вид на фалење или како проблем дека не можеме да обезбедиме билети за сите што сакаат да дојдат. Од првиот момент се трудам јас и другите што работат на сценариото (Илија Деспотовски, Тони Манџуковски, Сашко Коцев, Александар Митевски) тоа секогаш да биде интелигентен хумор и интелигентна сатира. За сценариото се консултираме и со Игор Џамбазов, Кили (Кирил Поп Христов), актерите Атанас и Тино… Јас пишувам концепти преку целата година. Правиме шест до седум сценарија, но од 20 скечеви испаѓаат два-три. На тоа нема кој не може да се насмее. Тоа може да боли понекогаш, но затоа се почитува. Ако зборуваме за политичарите, тие се наша инспирација, но нивниот живот и нивните постапки ги раскажуваме на наш, сатиричен начин, што е одлично за здравиот дух на целата нација. Затоа имаме и толкава поддршка, па и од нив како наши гледачи и верни фанови. Ако почесто имаме сатира и хумор, и на народот ќе му биде полесно, а во исто време можеби некој некогаш и ќе се запраша. Тоа што го правиме не е со лоша мисла и намера и не е по нарачка. И затоа резултат е 100 :0 или 21: 0.

Златна бубамара не е само боцкава рекапитулација на претходната година, туку и свеченост на која се наградуваат оние што најпозитивно ја одбележале. Колку награди за популарност ќе има за 2017 и ќе ни ги откриете ли, барем, оние за трајни вредности?

Ќе има 23 награди. За животно дело награда ќе добие октетот „Македонија“. За трајни музички вредности ќе ви откријам една награда – за нашата најголема поп-дива Маја Оџаклиевска. Како и секогаш музичката програма е богата, но друго не откриваме зашто сценариото секогаш е дискрециско право, а сметка полагаме кога луѓето ќе си заминат насмеани. Затоа и велиме „И колку и да трае, ќе си седите… И ќе се смеете!“ Наградите ги доделува Академијата која ја сочинуваат 21 член од кои четворица до шестмина се нови, односно нив ги менувам секоја година. Ги држам во тајност за да нема притисоци и за да имаат правична одлука. Јас сум претседател на Академијата, пофалбите доаѓаат до мене, а исто и ако нешто сме згрешиле. Но досега сум оставил чист образ.

Како расте Бубамарата „долетува“ и во поголеми простори со што привлекува и повеќе гости – од Универзална, преку Метрополис, сега првпат во ВИП Арена „Борис Трајковски“. Дали новиот амбиент ќе донесе и новини на сцената?

„Борис Трајковски“ првпат ќе изгледа како вистинско телевизиско студио – ја подготвуваме не за концерт, туку за голем телевизиско-концертен спектакл. Иако се уште жалам за старата добра Универзална сала. Шоуто го приспособуваме кон една голема сала од која правиме не спортска или концертна, туку телевизиска концертна сала. Во изминатите три недели ја подготвуваме сценографијата за новиот простор и сцената ќе биде првпат така поставена и гледачите на телевизија ќе бидат задоволни. Екипата за озвучување (ДВД 5) и сценографија не ги менуваме 15 години. Шеф на бендот е маестро Дамир Имери… целата екипа безрезервно се предава во целата приказна. А и спонзорите ни се исти 15-20 години. Сите ни ја знаат желбата и идејата и затоа екипата не се менува.

Планирате публика за целата сала? Колку билети се во продажба?

Во оптек се 4 100 влезници, од кои 3 000 се продадоа за 45 минути. Картите отидоа, интересот е голем и има побаравуња за десеткратно повеќе влезници. Ова се случува еднаш во годината и вреди да се гледа. Ја разбирам желбата на гледачите посебно за оваа Златна бубамара со слоган „Подобар живот“.

По успешни 20 години, како Златна бубамара на популарноста се носи со својата популарност – ја обврзува ли, ја амбицира ли кон нови идеи, во смисла на концепција, организација итн…?

Со ова што се менува просторот, шоуто веќе го прилагодуваме според салата. Нас не води само една мисла – и луѓето да бидат задоволни, и наградите релевантни. Во моментов Златна бубамара е најрелевантна награда зашто има традиција од 20 години и светла, позлатена патека зад неа. Доделена од нашата Академија, а примена со аплауз од публиката. Со сето тоа, генерално, и Радио Бубамара добива на популарност и е единственото радио од Вардар до Триглав што прави ваква голема манифестација каква што не прават ни големите телевизии на Балканот. По тоа сме посебни и почитувани.


Current track
TITLE
ARTIST