Еден бакнеж, многу спомени за Нина Спирова (1938-2020)

Written by on септември 11, 2020

Нина Спирова, пејачката што ги отпеа класиците на македонската забавна музика „Еден бакнеж“, „Молчи, молчи“ и „Езеро мое“,  почина во Филаделфија, САД, на 82-годишна возраст. Спирова, со својот кадифен алт и со емотивната интерпретација беше дискретната ѕвезда на македонската и на екс-југословенската сцена,  чии мелодии станаа евергрини, популарни, пеени и сакани до денес.

Родена е 1938 година во Прилеп и пеела од својата 16-та година. Прилеп го напуштила за да се запише на Средното музичко училиште во Скопје, а потоа и на Музичката академија. Во 1962 се преселила во Белград, па во Загреб, а потоа во еден период живеела во Германија пред да замине за Филаделфија. Во 1960-ите освои неколку први награди на југословенските музички фестивали, а нејзината најпозната песна е „Еден бакнеж“ на композиторот Петар Пешев, со која 1962 година победи на фестивалот во Опатија.

-Во Загреб и во Белград беа заинтересирани за мене, а јас многу сакав да се занимавам со музика. Во Скопје немаше можности за тоа – изјави Спирова 1982 година во интервју за списанието „Нада“.

Се повлече од сцената кон средината на 1980-ите години. Но, дотогаш веќе имаше снимено над 80 композиции само за музичката продукција на МРТВ. Соработувала со најпознатите македонски автори, композитори и музички аранжери, меѓу кои и со Драган Ѓаконовски – Шпато, Љубомир Бранѓолица, Димитар Масевски и многу други.

-Мојот татко секогаш велеше – ти си туѓа среќа. А, јас уживав да се давам себеси и целиот живот го посветив на музиката – вели Спирова во ова интервју за списанието „Нада“.

Како трајни вредности во домашната музичка ризница остануваат и нејзините интерпретации на повеќе народни и староградски песни, како „Бог да бие кој прв почна“, „Пилето ми пее“, „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Судбо моја, судбино“, „Зајди, зајди, јасно сонце“, „Кажи, кажи либе Стано“ и др.

„Еден бакнеж“ на Нина Спирова е една од најпрепејуваните песни во македонската ризница на забавна музика, а овој евергрин беше и носечка музичка тема во филмот „Сенки“ на режисерот Милчо Манчевски од 2007 година.

 

 


[There are no radio stations in the database]