Дино Имери со „Зимска Бајка“ во Филхармонија

Written by on декември 10, 2019

Денес, вторник, 10 декември, од 20 часот во камерната сала на Филхармонија, нашиот пијанист Дино Имери ќе одржи концерт со наслов „Зимска Бајка“.

Концертот е всушност збогатување на празничната атмосфера и одлична можност за подигнување на новогодишното расположение, информираат од организаторот „Баги комуникации“.

Концертот симболично ќе започне со делото „Декември“ од Петар Илич Чајковски, а ќе продолжи со фрагменти од „Оревокршачка“. Потоа настапот ќе продолжи со делото на Сергеј Рахмањинов „Прелудиум во g-moll“, Франц Лист – „Унгарска Рапсодија бр.2“, Јохан Штраус помладиот со неговата „ТричТрач Полка“ и „Ла Валс“ на Морис Равел.

Инаку, Дино Имери (1990) се смета за еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари, кој во својата досегашна дејност, имал многубројни настапи и во Македонија, но и во странство.

Настапувал со огромен успех со Стразбуршка Филхармонија, Софиска Филхармонија, Македонска Филхармонија, Симфониски и Камерен Оркестар на ФМУ, Македонска Опера и Балет, Камерен Оркестар на Музичка Младина на Македонија.

Рецитално настапувал на престижни сцени низ цела Европа меѓу кои и „Ватрослав Лисински“ – Загреб, Палата „Естерхази“ и „Лист-Центрум“ во Австрија, „Пијано Плаж Фестивал“ во Франција, Фестивал Охридско Лето, Скопско Лето, Интерфест – Битола и др.


[There are no radio stations in the database]