Во Дебар Маало ќе се постави споменик на Горан Стефановски

Written by on февруари 2, 2019

Горан Стефановски, еден од најреномираните македонски драмски писатели кој почина лани на 27 ноември, ќе добие спомен-обележје во скопско Дебар Маало, соопшти Општина Центар. Спомен-обележјето ќе се наоѓа на триаголниот парк во Дебар Маало, спроти ресторанот „Идадија“.

Постарите скопјани се сеќаваат дека на само 200 метри од ова паркче се наоѓала семејната куќа на Горан Стефановски. Куќата на Стефановски во Дебар Маало била една од првите куќи изградени таму во втората половина од 20-те години на минатиот век, кога овој простор бил само ледина. Од оваа куќа потекнуваат и театарските режисери Ристо Стефановски (чичко на Горан) и Мирко Стефановски (татко на Горан), како и познатиот гитарист, братот на Горан, Влатко Стефановски.

„Симболиката на Дебар Маало и локацијата на идното спомен обележје на писателот беше животно и духовно, а особено книжевно врзана со работата и животот на Горан Стефановски“, велат од Општина Центар.

Горан Стефановски е еден од најплодните и најпознати драмски автори не само во Македонија туку и пошироко во регинот. Неговите незаборавни драмски текстови се играат на сцени и низ Европа. Зад него остануваат антологиските „Диво месо“, „Тетовирани души“, „Дупло дно“, „Лет во место“ и многу други.


[There are no radio stations in the database]