Златна Бубамара: Вакцината беше ефикасна за расположението

Written by on март 29, 2021

Овогодишната, пандемиска Златна бубамара на популарноста, освои нов простор на комуникација со публиката. Традиционално, по сценарио и режија на Ранко Петовиќ, иако реализирана виртуелно, повторно успеа да даде НАДЕЖ и светлина во ова неизвесно време.

На почетокот на манифестацијата, во преполна сала, одеше најавна шпица како во познатиот научно фантастичен филм „Star Wars“ во кој беше обзнанета „војната на звездите“ – против вирусот!

Од димот се појави првиот Џедај Ранко Петровиќ, најавен како човек „кој нема намера да лежи во Владата, во Шутка, Идризово и на Инфектвна“, а неговото појавување во преполната сала  ги зовре социјалните мрежи и сите љубители на кромид-вести, кои реагираа поради салата, преполна со публика, во очекување на почетокот на големиот пандемиски спектакл. Во симпатичниот говор  пред преполната сала, Ранко им порача на сите кои некогаш биле среќни на Златна Бубамара да станат и да ја напуштат салата, по што тој се појави во празната сала „Борис Трајковски“, без камери, публика и свечени костуми, и најави дека оваа Бубамара е посветена на здравствените работници и направена со строгите мерки на безбедност – имаме малку уметници па не смееме да ги изложуваме на било каков ризик по здравјето.

 

Со тоа Ранко Петровиќ со „Војната на ѕвездите“ практично направи нова епизода од познатата радио – драма „Војна на световите“ на Орсон Велс од 1938 – тогаш Велс предизвика паника, убедувајки ја американската радио – публика дека на Земјата се спуштиле вонземјани. Сега Ранко со „Војната на ѕвездите“ предизвика паника убедувајќи ја домашната публика дека со цел памет организирал Златна Бубама – во живо.

Иако подготвена согласно со препораките за заштита од вирусот – виртуелно, без собирања, под маски и на дистанца, 24. Златна Бубамара повторно резултираше со голема 4-часовна забава, со учество на бројни гости од земјава и од регионот, со многу смеа, музика, награди и неопходна доза иронија, обединети под мотото „Ќе го преживееме и ова!“.

Маестро Игор Џамбазов ја отвори Бубамара со убав уводен говор од Дојран.

По неизвесната и мачна 2020 година, во која кафеаните и училиштата работеа со скратено, а лекарите и инспекторите со продолжено работно време, Златната бубамара овогодишното вонредно пандемиско издание го посвети на лекарите и на другиот медицински персонал, кои годинава беа вистинските херои на новото време.

На 24-та Златна буба мара се доделени традиционалните награди во повеќе категории, но годинава, согласно со околностите, се доделени и награди во неколку новодефинирани категории, како пандемиски хит, концерт за црвената зона (за медицинските работници), карантинско шоу, корона хит позитивен, најоптимистичка песна и видео –спот.

Манифестација пренесе и емотивно потсетување на на сите наши гушкања и бакнувања на сцената од времето пред социјалната дистанца, потсетување на актуелни скечеви со Сашко Коцев за здравата исхрана и пензионерите во кој се кажаа преку 40 дијагнози и ортопедски помагала во духот на денешното време,  а се пуштаа и еколошките пораки кои Златна бубамара на популарноста ги актуелизираше пред многу години, а за кои нема никаква реакција од власта.

За прегледот на 2020 беше тешко да се обезбеди сатиричен поглед зашто пандемиските состојби и начинот на кој тие ни ги сменија животите ја надминаа секоја смисла за добар хумор – и црн и розов. Политичките елити и нивното неснаоѓање со секојдневните предизвици продолжи како и пред 2, 5 или 15 години, па и тука беше тешко да се најде нешто ново и досега некажано. А, сатирата кај нас, иако омилена, одамна веќе не е поддржана уметност. Секоја власт сатирата ја третира како опозиција – нека ја има, ако мора, ама глеј да ја нема, што не поминува кај Златна Бубамара со децении, а не па во сегашно време.

Атанас Атанасовски и Тино Костадиновски, како  нова бубамара генерација се покажаа како брилијантни сатиричари и предизвикаа катарзично смеење со нивното сатирично коментирање на политичката елита, што предизвика еуфорија на празните трибини.

Награда добија Дајте музика и  5+ фамилија кои имаа перфектно подготвени спотови и најави како вистински популарни звезди и проекти.

Анимираните јунации Биби и Боби ја добија наградата за најпопуларна анимирана серија за деца и добија многу голем аплауз од мајките и родителите пред малите екрани.

Некои од стенд-ап точките на  мајсторите на Златната бубамара – Сашко Коцев и Игор Џамбазов, иако репризни се потврдија свежи – како вчера да се напишани.

Александар и Дац со голема дувачка екипа ја примија наградата за светски популарната „Корона чао“.

Кога Џамбазов има гитара во раце, целиот свет е негов. Од брегот на Дојранското Езеро ја сотсвири „Вирус блуз“, а потоа и „Бела чао“ во нова најактуелна варијанта (Партиџано, тоа сме ние, вие сте тие другите) и  во само 3 минути ни покажа како тоа голем уметник како него може да изгледа и звучи најдобро, па дури и кога е снимен со камера од мобилен телефон.

Пандемискиот хит „И ово ќе проќи“ на загрепскиот рок-бенд „Хладно пиво“ доби награда за најоптимистички хит и песна со наравоучение – пандемијата да не научи никогаш повеќе здравјето и среќата ве да не ги земаме „здраво за готово“.

Песната за превенција од корона е пандемискиот „Рок хит позитиван“ на Забрањено Пушење и Елвис Џ. Куртовиќ, кој се консумира со препорачана доза на иверментин, магнезиум, цинк и Д-витамин.

Актерот Драгољуб Миќко Љубичиќ ја доби наградата за трајни вредности за глума, хумор и сатира и во 5 минути успеа да ни покаже како големите мајстори можат да те орасположат и насмееат до солзи. Па, така насмеани да може да си ја пееме песната „Кад ќе више та вакцинаа“ и во наредната година.

“Дубиоза Колектив“ добија награда за карантинско шоу и во нивно име наградата ја прими роботот Роби мегабајт за нивната „Роботска демократија“.

Во блокот за сеќавање на починатите, емоциите не однесоа на друга страна.  Игор Џамбазов ги спомна тие што не напуштија оваа гоидна, а архивските снимки не потсетија дека ни биле големи Бубамара другари. Бранка Станковска го најави Зоран Џорлев како почеток на 9. конгрес на Бубамара, звукот на неговата виолина не расплака, маестро Џорлев се појави во друштво со Драган Вучиќ како си ја пеат неговата „Свирете ја Зајди зајди“, а потоа следуваше споменот за диџеј Ицко. Во овој блок од спомени следуваше и архивска снимка од Зафир Хаџиманов од 2004 година, кога ја добива наградата за животно дело. Тука веќе на сите ни беше премногу – кога Зафир, заедно со Тоше и Калиопи, го отпееа рефренот „А од љубов не се бега“.

Дека Џамбазов е нај-нај во било која улога се потврди уште еднаш, кога ја отпеа песна та “Да се о мом животу прави филм ил барем стрип“ од Ѓорѓе Балашевиќ, по што блокот спомени го затвори омажот за панонскиот морнар Балашевиќ и неговата „Одлази циркус“, отсликувајчи ја тагата секаде каде што има проста душа словенска.

Награда за  песна на годината доби Раде Шербеџија за неговата „Ето пјесма“ која му ја напиша Хус од „Парни Ваљак“. Спотот и појавата на Раде ни дадоа сила дека можеме повторно да почнеме одново…

Во вонредната пандемиска Златна Бубамара лекарите делеа награди наместо рецепти како весела оптимистичка дијагноза, а стариот рокер Бајага им даде поддршка на сите медицински работници во црвената зона, како и нашиот Влатко Стефановски кој ја доби наградата за албум на годината за неговиот нов албум „Тафталиџе шафл“.

Наградата за животно дело ја доби познатиот маестро и диригент на мандолинскиот оркестар – Рамадан Шукри.

Иако организирана во вонредни околности и со низа рестрикции, 24. Златна Бубамара на популарноста  повторно создаде ТВ спектакл кој ни овозможи чувства на гордост и среќа кога ја пеевме „Македонија навива за вас“ и „Заветна“ со јунаците од „Преспав“.

Мотото на пандемиската Златна бубамара „Ќе преживееме“ е желба повторно вистински да ја исполниме салата „Борис Трајковски“ во некое следно издание на Златната бубамара, ако може уште вгодина.

 


[There are no radio stations in the database]