Водно- Еколошко востание!

Written by on септември 1, 2018

По неколкудневни прозивки, градоначалникот Петре Шилегов ги покани активистите од иницијативата „Го сакам Водно“ на јавна дебата во бараките на Советот на градот. Активистите порачуваат – дебата, да, ама на некоја од националните телевизии, за да се запознаат граѓаните со сите димензии и спорни моменти од изградбата на гасоводот преку парк-шумата Водно.

-Нашиот повик за ТВ- дебата е објавен минатата недела, пред почетокот на живиот ѕид на Водно, пред наредбата „Гази се пред себе“. Никој не се одзва на него. Очекувавме одговор, а не целосно игнорирање и контра повик за дебата во канцелариите на Градот – порачаа активистите.

Граѓанскиот протест за заштита на Водно бара трасата на гасоводот да не поминува низ заштитената парк-шума и вчера успеа привремено да ги запре започнатите активности за расчистување на теренот. 

Протестот, кој ги мобилизираше граѓаните, планинарите и сите вљубеници во природата под мотото „Го сакам Водно“, го поддржаа и Дарко Панчев, легендата на македонскиот фудбал, членовите на групата „Суперхикс“, Перо Георгиевски – Камиказа, фронмен на групата „Меморија“ и многу други познати личности.

Видео-пораките на „Го сакам Водно“ се споделуваат интензивно и имаат преку 50 илјади прегледи за само неколку часа.

Протестот за спас на Водно е уште една во низата граѓански иницијативи со нагласена еко-димензија во Македонија во изминатите десетина години .

Алпинистката Илина Арсова мобилизираше акција за спас на Охридското Езеро, специјалното здружение „Стар Лагадин“ побара заштита на крајбрежниот појас на Охрид, изложен на силна урбанизација, граѓаните на Валандово, Гевгелија и Скопје се побунија против изградбата на рудникот Казандол, жителите на Карпош, Капиштец, Лисиче и Аеродром бараат чист воздух во нивните населби и во Скопје и запирање на пренагласената изградба, следуваа повеќе повици за стопирање на неконтролираното сечење на шумите на Шар Планина, Скопска црна гора, Крушево, тетовчани протестираа против дивите депонии и работата на ХЕК „Јегуновце“, кавадарчани против загадувањето од работата на ФЕНИ – сите овие акции се одраз на силно сензивитизираната домашна јавност за прашањата за животната средина, зашто и „Го сакам Водно“ и „Стар Лагадин“, и валандовчани и кавадарчани и тетовчани имаат иста цел – екологизирање на целиот процес на донесување политички и економски одлуки, во кој основниот мотив мора да биде и да остане, пред се, хуманистички и еколошки.

Дали протестот против гасоводот преку Водно ќе успее да ги упати сите овие поединечни граѓански иницијативи со иста крајна цел, кон заеднички настап?

Едно искуство од Србија, актуелно деновиве, упатува на моќта на таквото обединување.

Локалниото население од околината на Пирот организираше протест на Стара планина, позната по биодиверзитетот и природните убавини, поради изградба на повеќе од 30 мини-хидро централи, по што повеќе дотоци во регионот пресушиле.

Протестот, наречен „еколошка буна“ кој го поддржаа 30 илјади граѓани, ја врати реката Рудинска во нејзиното корито. Активисти за заштита на животната средина од целиот регион најавуваат голем проширен протест против изградба на хидроцентрали на сите планински реки во Србија и стопирање на секакви градежни интервенции на Стара Планина.

Ние сме различни и меѓусебно не се познаваме, ама имаме иста цел“, се вели во пораката на иницијативата „Да ги одбраниме реките на Стара Планина“.

Дојде време кога се повеќе луѓе сваќаат дека екологијата е единствена исправна идеологија за која вреди да се обединиме и бориме, борба во  која не треба да  има поделби ни по партиска, класна ниту верска припадност. Ова е време кога се повеќе луѓе еден по еден застануваат зад овој голем еколошки фронт и меѓусебно се солидализират за заштита на природата и здравјето на идните генерации – изјави  Ранко Петровиќ – потикнувач на неколку успешни и неуспешни еколошки акции, при промоцијата на песната Во борба Во борба!

Тоа е предизвик за сите еко-активисти во регионот да се обединат против сите еколошките неправди ,независно дали целта се шумите на Водно, реките на Стара Планина, рудниците во Валандовско или агресивната урбанизација на сметка на градското зеленило – насекаде.


[There are no radio stations in the database]