Влатко Стефановски го промовираше албумот „Мајчин јазик“

Written by on април 13, 2018

Со „Фала ви што дојдовте“ го почна концертот, а со „Наздравје, Скопје“ го заврши. Најдобриот македонски и балкански гитарист Влатко Стефановски синоќа во полната сала на Македонската филхармонија го одржа првиот од трите најавени концерти за промоција на 35. албум, но прв акустичен, во неговата кариера, „Мајчин јазик“.

Во интимна, но топла и пријатна атмосфера, опкружен со две гитари, 3 микрофони и еден контрабас, Стефановски ги претстави акустичните верзии на некои од најпознатите македонски народни песни, како „Море сокол пие“, „Зошто си ме мајко родила“, Касапско оро, Пелистерско оро, „Јовано, Јованке“, и секако на голема радост на публиката, „Приспивна за Радмила М“, „Џипси сонг“, „Вера, надеж, љубов“.

„Решив да снимам интимен албум и да им се обратам на моите фанови и на моите слушатели, директно од мојата гитара на нивното увце.

Насловот го смислив имајќи на ум дека снимам автентична музика. Постојат работи кои се автентични и кои се наследени, и оние кои ги стекнуваме со нашето образование и желба за сознавање. Но, некои работи се природни и ги носиме во себе.

Го крстив така, затоа што овие теми ми се мајчин јазик. Јас се обраќам на тој мајчин јазик, се надевам дека добро музички го владеам“, рече неодамна гитарската легенда.

Со специјалните гости , Верче Милошевска и Оливер Јосифовски од „Љубојна“, српската етно пејачка Биља Крстиќ и примадоната на македонската Опера, Весна Ѓиноска- Илкова ги изведоа: „Елено ќерко“, „Јано мори“, „Димитријо, сине Митре“, „Македонско девојче“.

Концертот заврши по настапот со Ѓиноска- Илкова, но по долгиот аплауз Стефановски се врати на бис и рече: „ После Весна нема што да се пее. Сега ќе ја свирам ‘Бистра водо’ по која нема што да се свири“, рече големиот музичар, но сепак финале на концертот беше легендарната „Скопје“ од „Леб и сол“ во придружба на гостите.

Албумот е издание на „Кроација рекордс“, а концертите ги организира „Баги комуникации“.

Вечерашниот концерт е од 20, 30 часот, а во истиот термин е и третиот концерт во вторник.


[There are no radio stations in the database]