„Ван Гог“ во Скопје ќе промовираат нов албум и книга

Written by on јуни 12, 2019

Во Скопје утре, 13 јуни 2019 г. во организација на „Баги комуникации“ ќе бидат промовирани новиот албум и книга на српскиот рок-бенд  „Ван Гог“.

Промоцијата ќе се одржи во „Плеј кафе“, во Скопје сити мол, со почеток во 12 часот.

Неодамна групата го издаде својот нов, десетти по ред студиски албум „Море без обала“, кој македонската публика веќе имаше можност да го преслуша.

Деновиве светлото на денот го здогледа и ексклузивниот транспарентен син винил од истиот албум.

За фановите на групата „Ван Гог“ уште нешто интересно.

Утре во Скопје , Звонимир Ѓукиќ Ѓуле ќе ја промовира и новата книга „Ван Гог – Море без обала“, со која се добива и подарок, новиот десетти студиски албум на бендот, како и дивиди со роденденскиот концерт на групата што се одржа 2016-та година.

Инаку, во меѓувреме групата Ван Гог сними видеозапис за песната “Готово е се” од нивниот последен студиски албум “Море без обала“, за кој Ѓуле вели:

„Ова видео е омаж на времето од кое доаѓаме, потврдувајќи дека вистинските вредности траат вечно. Идејата ни беше преку енергијата на движење да ги споиме минатото и сегашноста. За слика на минатото, природен избор ни беше серијата “Образ до образ “, она божествено, безвременско шоу, на кое се восхитувавме и радувавме, на магијата на Милена и Драган.  Бескрајно сме му благодарни на режисерот Здравко Шотра и РТС, кои ни ја дадоа својата согласност за користење и емитување на материјалот, вели Ѓуле и додава: “Со ова видео испишуваме посвета на времето кое не се заборава, антологиското шоу „Образ до образ„ мајсторот на режијата Шотра, на легендите Милена Дравиќ и Драган Николиќ и на сите Вам кои не прифаќате заборав!“


[There are no radio stations in the database]