„БИ БИ СИ Мјузик магазин“ со максимални пет ѕвездички за новиот компакт диск на Трпчески

Written by on декември 30, 2019

Престижното британско и едно од водечките светски музички списанија, „БИ БИ СИ Мјузик магазин“ во својот јануарски број, со максимална оценка од пет ѕвездички го оцени најновото самостојно компакт-диск издание на нашиот пијанист Симон Трпчески насловено „Сказни од Русија“ што неодамна го издаде британска етикета „ОНИКС“, информира КултурОп.


-Трпчески ги позлатува Приказните на Прокофјев со совршено проценет тон, придружен од снимка која е исто полна и прекрасна како и изведбата на ваков врвен пијанист, нагласува еминентниот критичар Дејвид Најс во текстот под наслов „Трпчески обојува магична слика“, издвоен како „инструментален избор на уредникот“. За изведбата на „Шехерезада“, тој подвлекува дека „…Трпчески толку прекрасно ја „диригира“ својата интерпретација кон серија врвни кулминации, што сосема ја разбирате неговата посебна љубов кон оваа музика“, завршувајќи за „Ноќта на Голиот рид“ од Модест Петрович-Мусоргски, адаптирано од Николај Римски-Корсаков, а за пијано од Константин Чернов, дека „… таму каде што обичен виртуоз може да брза низ демонски-прогонувачката зора, Трпчески создава најмагична обоеност на тонот“. Освен за изведбата, 5 ѕвездички ова издание доби и за квалитетот на снимката реализирана во Ливерпул со продуцентот Ендрју Корнал.

По декемвриските настапи во Франкфурт и Виена, првите три концерти во Новата година го водат Трпчески во САД на настапи на матичната сцена со Њу Џерси Симфони и прославената диригентка Шиан Жанг.


[There are no radio stations in the database]