Бајага и Инструктори со нов албум на 14 септември!

Written by on септември 5, 2020

Новиот, 13-ти студиски албум на Бајага и Инструктори, насловен „Ovaj svet se menja“, со девет песни, ќе се најде во продажба, како што беше и планирано, на 14 септември. Како и претходното издание „U sali lom“, така и овој албум, ќе биде објавен  од двете најголеми дискографски куќи во регионот, PGP RTS и „Croatia records“.


Момчило Бајагиќ, Жика Миленковиќ, Мирослав Цветковиќ, Саша Локнер, Чеда Мацура и Марко Њезиќ Кича, ја искористија концертната пауза предизвикана од пандемијата „Ковид 19“ и снимија издание каде најголемиот дел од материјалот се состои од песни што Бајага ги пишувал претходно за други изведувачи или за филм, театар и ТВ. Така, нови верзии добија хитовите на Здравко Чолиќ „Tvoje oči“ и „Moja draga“,  „Јa sam se ložio na tebe“, која Бајага ја напиша како член на „Ribljа čorbа“, „ Ni na nebu ni na zemlji“, песна од истоимениот филм, тема од серијата „Otvorena vrata“, како и „Mladost“ од претставата „Ženidba i udadba“, со модифициран текст, каде спомнувањето на Арсен Дедиќ сигурно ќе предизвика посебни емоции.

Покрај насловната нумера, со која се отвора албумот и за која наскоро ќе се снима и спот, тука се уште две песни, годинава  создадени, а обете поврзани со филмот „Hotel Beograd“. Публиката веќе е добро запознаена со „Darja“, со Милош Биковиќ, а песната „Kako se to naziva“ ,може да се слушне на одјавната шпица на ова остварување. На албумот гостуваат и фронтменот на групата „Irie FM“ Вукашин Марковиќ (тромбон, вокал), Владимир Цукиќ (бас), Марко Кузмановиќ (тапани), Ненад Петровиќ (саксофон), Радое Раца Милутиновиќ (балалајка) и Зоран Алвировиќ Кина (акустична гитара) . Албумот е снимен, како и претходниот, во „Студио О“ од Оливер Јовановиќ, а бендот продолжи да соработува со познатиот продуцент Саша Хабиќ. Омотот на албумот, за кој е одговорен и Вукашин Марковиќ, е дизајниран да наликува на страници на пасош.

Промоцијата на албумот ќе се одржи во согласност со ситуацијата поврзана со ковид 19.

Засега единствениот закажан концерт со хор и оркестар, под диригентство на Војкан Борисавлевиќ, е на 13 септември на стадионот на АРМ во Скопје.


[There are no radio stations in the database]